Back

Предавање на проф. Марцин Пјонтковски во Скопје

29.10.2026

Предавање на Проф. Марчин Пјонтковски во Скопје

На покана на Амбасадата на Република Полска во Скопје, на 29 октомври 2026 година, во Скопје престојуваше проф. Марчин Пјонтковски (Marcin Piątkowski), професор по економија на Академијата „Леон Козмински“ во Варшава, еден од водечките експерти во областа на економскиот развој, иновациите и конкурентноста и поранешен главен економист на Светската банка.

Во рамки на посетата, проф. Пјонтковски одржа предавање на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема „Европскиот шампион во економски раст: патот на Полска од сиромаштија до просперитет“ („Europe’s Growth Champion: Poland’s Path from Poverty to Prosperity“).

Предавањето беше посветено на економската трансформација на Полска, факторите што придонеле за постигнување динамичен економски раст, како и на искуствата од полскиот развоен пат што можат да им послужат како пример на другите земји и на Европа во целина. Професорот ја истакна важноста на долгорочните реформи, развојот на институциите, иновативноста и конкурентноста како клучни предуслови за создавање силна и одржлива економија.

По предавањето, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа средба на Ополномоштен Министер Мариуш Бримора и проф. Марчин Пјонтковски со пратеници од Собранието. На средбата учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, членката на Комисијата, Силвана Ангеловска, претседателката на Парламентарната група за соработка со Сејмот на Република Полска, Даниела Николова, како и членката на Групата, Драгана Бојковска.

Во фокусот на разговорите беа економските реформи, процесот на европска интеграција, развојните предизвици и можностите за натамошно унапредување на полско-македонската соработка. Посебно внимание беше посветено на искуствата на Полска во спроведувањето на економската трансформација и процесот на пристапување и членство во Европската Унија. Беше истакната важноста на владеењето на правото, ефикасните институции, поволната деловна и инвестициска клима, како и правилното и ефективно користење на средствата од европските фондови.

Соговорниците разменија мислења и за можностите за продлабочување на соработката во областите на енергетиката, туризмот, земјоделството и образованието, како и во развојот на човечкиот капитал. Беше нагласено дека размената на искуства и добри практики, заедно со водењето долгорочна и одржлива економска политика, се од особено значење за постигнување стабилен економски развој.

Фотографии (9)

{"register":{"columns":[]}}